Што да посетите во Берово

Во првата половина на 19 век во неговите конаци е формирано и првото црковно ќелијно училиште од познатиот македонски преродбеник Јоаким Крчовски. Стилот во кој е изградена црквата, како и широките чардаци и конаци ѕидани од камен се автентичен пример за македонската архитектура од 19 век. Македонските резбари го оставиле својот печат на дрвените тавани, на чардаците и на дрвените столбови од отворениот трем на црквата. Во манастирот активно работи иконописната школа, односно, сестринството во овој манастир изработува икони во византиски стил и одржува летна школа со часови по иконопис за заинтересираните посетители кои последните неколку години доаѓаат од Холандија. Темелите на првиот женски манастир во Берово се подигнати дваесет години по изградбата на црквата. Манастирот е пристапен и отворен за духовните потреби на секој добронамерен посетител.

Црква "Пресвета Богородица", Берово

Се наоѓа на периферијата на Берово покрај патот за Беровско езеро. Црквата е изградена 1972-1975 година, во стилот на византиско-македонските цркви од срeдниот век. На тоа место постоела црква уште од далечно минато, за време на покрстувањето на македонските словени, кои живееле во Брегалничко-абланичката клисура, а под неа имало темели на уште постара црква. Празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот познат како Голема Богородица, во православниот христијански свет се прославува на 28-ми август. Секоја година на овој ден, Берово е домаќин на славата која што се организира во манастирот Пресвета Богородица - Источен Петок.

Петлец-меморијален споменик на Даме Груев

Доколку не би постоеле големите луѓе и големите датуми во историјата на Македонија, би се изгубила можноста за наше препознавање меѓу нациите, бидејќи без нивните подвизи, дела и херојства би била празна историјата и културата на нашиот народ. Русиново ја има таа несреќа, но истовремено и среќа, својата судбина трајно да ја поврзе со големиот македонски револуционер Даме Груев. Велиме несреќа, зашто во Русиново тој го заврши револуционерниот пат, а среќа, бидејќи со неговото име стана попознато и ја има таа привилегија непосредно да му оддаваат почит на местото каде што во еден студен декемвриски ден на врвот Петлец згасна животот на славниот војвода. Русиново над сто години го чува споменот на Даме Груев, еден од столбовите на македонското револуционерно движење и секоја година му се оддава достојна почит за заслугите за македонската историја. По повод загинувањето на големиот македонски војвода Даме Груев општина Берово секоја година на 19 декември-денот кога загинал, организира традиционален марш од с. Русиново до планината Петлец, на местото каде изгаснал животот на илинденецот Даме Груев. Пред тргнувањето за планината Петлец, на селските гробишта во с. Русиново пред спомен-обележјето на војводите Даме Груев, Сандо Китанов и Атанас Карчев, присутните со едноминутно молчење оддаваат почит за нивните дела и пожртвуваност. Пред споменикот на Даме Груев сред село се положува свежо цвеќе и потоа се заминува кон планинскиот врв Петлец местото на трагичната смрт на апостолот на македонското револуционерно движење. Учесниците во планинскиот марш придружени со звуците на тапанот и зурлата и со македонската песна пред спомен-плочата, обележје на неговата смрт, се потсетуваат на неговите храбри чекори и подвизи, кои се и насока за понатамошните движења на Македонците во борбата за национално ослободување.

Страна 1
Манастир "Св.Архангел Михаил" Црква "Св.Пресвета Богородица" Петлец-меморијален споменик на Даме Груев Музеј на Берово Манастир "Св.Архангел Михаил" Црква "Св.Пресвета Богородица"