Календар на културни настани

Меѓународен саем на традиционални производи меѓународен етно фестивал – Etno Square Festival

За промоција и доближување до потрошувачите на традиционалните изработки и производи во Берово секоја година во периодот од 23 до 28 август се организира меѓународен саем на традиционални производи и меѓународен етно фестивал. На саемот се претставени три сектори: здрава храна, вешти раце и сувенири и резби. На фестивалот настапуваат изведувачи од различни земји и создаваат фузија на различните култури и специфики. Целта е да се презентираат традиционалните вредности и нивната специфика, како на малешевскиот регион, така и на гостите присутни на овој етно фестивал. За време на одржувањето на фестивалот, плоштадот во Берово доживува визуелна реконструкција каде може да се почувствува духот на минатото и традицијата. На фестивалот настапуваат реномирани интернационални изведувачи кои веќе го докажале своето музичко творештво и влијание во светот.

Октомври - Меѓународно рели со теренски возила

На почетокот на месец октомври, секоја година Берово е домаќин на меѓународно рели со теренски возила. Настанот се организира на месноста Шушлевец на патека која е специјално подготвена за потребите на релито. Љубителите на спортски трки со сигурност ќе уживаат во гледката на теренските возила низ калливите патеки.

11 Октомври Ден на компирот во Малешевијата

Манифестацијата е со изложбено-продажбен карактер, на која што се претставуваат различните сорти компири и на која што можете да дегустирате од локалните специјалитети од компири во комбинација со прочуените малешевско сирење и малешевска сливова ракија.

Декември - Марш од с. Русиново до Петлец

По повод одбележувањето на смртта на македонскиот револуционер Дамјан Груев и оддавање чест за неговото дело секоја година се организира марш од с. Русиново до планината Петлец, на местото каде што е убиен во 1906 г.

Страна 1
Etno Square Festival Рели Etno Square Festival Ратевски Бамбурци Велигден