За Берово

Во пазувите на Малешевската котлина, на двете страни на реката Брегалница, на надморска височина од 670 до 1050 метри сместено е градчето Берово. Берово представува "воздушна бања" и е град со највисока концетрација на кислород во воздухот на балканот, со средна годишна температура од 11,1 °С. Се наоѓа на 171 км. југоисточно од главниот град на Република Македонија – Скопје, 174 км. југозападно од главниот град на Република Бугарија и 175 км. северно од Солун, Република Грција, каде што се наоѓаат и најблиските аеродроми. Најблиската железничка станица се наоѓа во Кочани, оддалечена 58 км. од Берово, а најблиското пристаниште е во Солун.

Малешевската област во која природата истурила едно чудо благодети, природни убавини од кои застанува здивот, тамошните жители и многубројните посетители ја нарекуваат нашата "мала Швајцарија".

Во малешевскиот регион се уште се негуваат и практикуваат традиционалните занаети: копаничарство, кујунџиство и папукчиство.

За разлика од летувањето на море кое, за жал, со себе го носи ризикот од штетното дејство на сончевите зраци, летувањето во Берово знае да биде многу корисно и продуктивно, дури и за тие со најлоша дијагноза. Природните убавини ќе ви ја вратат физичката сила, а манастирите и црквите лоцирани во околината ќе ви помогнат да си го најдете душевниот мир.

На 7 км. од Берово, се наоѓа Беровоско езеро, кое е вештачко езеро формирано со бетонска брана висока 53 метри, изградена 1970 година на Ратевска река. Беровското езеро се наоѓа на 986 метри надморска височина. Должината на езерото изнесува 2,5 км, а средната широчина 0,5 км. Површината на езерото изнесува 0,57 км2.Езерото е богато со риби и постои можност за спортски риболов. Прекрасната борова и букова шума околу езерото се огледува во езерската вода со што на езерото му ја дава прекрасната зелена боја. Покрај прекрасната глетка, тука има можности за разни спортски активности, за планинарење и за прошетки.


Што да правите во Берово

Што да посетите во Берово

Календар на културни настани

Шумска идила Беровско езеро Манастир "Св.Архангел Михаил" Црква "Св.Пресвета Богородица"